На десетина дена пред дуелот против Македонија, австриската репрезентација остана без уште еден центар во своите редови.
Августовскиот циклус ќе го пропушти Даниел Кепел, играч висок 212 сантиметри кој години наназад е еден од стандардните играчи во својот национален тим. Кепел уште не заздравил целосно од повредата на коленото и нема да игра против Кипар и Македонија иако беше во составот на селекторот Арамис Наглиќ. Претходно, Австријците останаа и без НБА ѕвездата Јакоб Пелтл кој не доби дозвола за настап од својот тим Торонто Репторс.
На местото на Кепел, селекторот Наглиќ го повика Ерик Диц, 18-годишен центар кој настапува во домашното првенство, а за националниот тим дебитираше минатиот месец, во финишот од првата квалификациска фаза за Светското првенство. Диц е висок 208 сантиметри, но ако добие минутажа, ќе треба да се бори со новонатурализираниот македонски репрезентативец Мозес Рајт кому драстично ќе му биде олеснета работата на дуелот против Австрија.


