Работнички продолжува со формирањето на составот за новата сезона, а најново име во „Градски парк“ е искусниот македонски репрезентативец Кристијан Николов.
Николов зад себе има богато интернационално искуство и настапи во повеќе европски клубови, а неговото доаѓање претставува сериозно засилување за тимот предводен од Владимир Мирковски.
Станува збор за кошаркар кој може да одговори на задачите на бековските позиции, а неговото искуство, организацијата на играта и квалитетот во нападот треба да му донесат дополнителна сигурност на Работнички.
За Николов, враќањето во македонската кошарка претставува нов предизвик во кариерата, а во дресот на Работнички ќе има можност да биде еден од носителите на играта. Тој веќе го носеше дресот на тимот од Градски парк, пред три сезони, но замина на половина од кампањата.


