Виктор Вембанјама доби големо признание и на само 22 години беше назначен за капитен на кошаркарската репрезентација на Франција. Ѕвездата на Сан Антонио Спарс ќе ја предводи селекцијата во августовскиот репрезентативен прозорец.
Селекторот Фредерик Фоту му ја довери капитенската лента на еден од најголемите кошаркарски таленти во светот, оценувајќи го Вембанјама како „неспорен лидер на оваа генерација“.
За Вембанјама ова е уште еден значаен чекор во неговата кратка, но импресивна кариера. Тој стана најмладиот капитен на француската репрезентација во последните 23 години, откако во 2003 година Тони Паркер ја доби истата чест, на само 21-годишна возраст. Интересно е тоа што актуелниот кошаркар на Сан Антонио не бил роден кога Паркер станал капитен на „триколорите“.
Голема улога во новата генерација
Вембанјама ќе ја предводи Франција во натпреварите од августовскиот циклус, во кој „триколорите“ прво ќе одиграат пријателски натпревари против Србија, а потоа ќе ги продолжат квалификациите за Светското првенство во 2027 година против Словенија и Шведска. Во репрезентацијата се очекува да има и искусни играчи како Руди Гобер и Еван Фурние, што дополнително ја нагласува довербата која селекторот му ја укажува на младиот центар.
Центарот веќе има значајно репрезентативно искуство. Со Франција освои сребрен медал на Олимписките игри во Париз во 2024 година, а сега добива задача да биде еден од лидерите на новата генерација која ќе атакува на највисоките дострели во светската кошарка. Во трите сезони во НБА, Вембанјама има просек од 23,4 поени, 11 скока, 3,5 асистенции, 1,1 украдена топка и 3,5 блокади по натпревар, што доволно зборува за неговото влијание на двете страни од теренот.
Назначувањето за капитен е јасен сигнал дека Франција во Вембанјама гледа како во својот иден лидер и лице на репрезентацијата во годините што следуваат.


