Пелистер со амбициозна и јасно поставена визија влегува во новата сезона и во новата ера во постоењето на клубот воопшто.
Битолскиот суперлигаш имаше исклучително успешни пет години, трипати играше во финалето од домашното првенство и еднаш во Купот на Македонија, но претстојната сезона ќе ја почне со нова управа и нов тренер. На клупата ќе седне Тане Спасев, стручњак кој својата кариера главно ја градеше во странство и ќе се обиде своето искуство да го пренесе на своите кошаркари.
„Пелистер е клуб со реноме. Уште од моите младински денови брендот имаше големо значење во македонската кошарка. А и Битола е еден од најубавите градови во Македонија. Овој проект веднаш ми се допадна. Акцентот ќе биде на млади македонски играчи, со тројца странци странци. Мислам дека ќе биде добра средина за работа, млада енергија и се надевам ќе играме убава кошарка за публиката“, истакна тренерот на Пелистер.
Битолчани веќе го кројат планот за подготовките, а во пресрет на новата сезона ќе одиграат серија контролни натпревари исклучиво против македонски екипи. Првиот тест е закажан за 4 септември.
„Ќе одиграме пријателски натпревари само со македонски екипи, ќе играме и на меморијален турнир тука во Битола. Горе-долу ќе тестираме со речиси сите екипи од лигата“, додаде тој.
Целта во подготвителниот период е тренерскиот штаб да добие што подобра слика за можностите на составот и навреме да ги пронајде вистинските комбинации. Со млад ростер и акцент на домашните кошаркари, Пелистер најавува проект кој треба да донесе енергија на теренот и атрактивна кошарка пред битолската публика. Подготовките воедно ќе бидат можност новиот состав да се воигра пред стартот на официјалните натпревари, а меморијалниот турнир во Битола ќе биде еден од главните тестови за формата на тимот.


