Поранешниот шампион на Македонија, Работнички го направи планот за подготвителни натпревари пред почетокот на новата сезона во која ќе влезе со високи амбиции.
Тимот од Градски парк в сабота ќе се комплетира на подготовките, а со пријателските дуели ќе почне на 6 септември. Во период од 16 дена се предвидени дури девет меча од кои четири со странски ривали, а осум од овие натпревари Работнички ќе одигра во својата сала во Градски парк.
Во „Лазар Лечиќ“ ќе гостуваат Тиквеш, Пелистер, Трепча од Косово, Кожув, Струмица, Константин од Србија и најзвучниот ривал во овие подготовки Војводина од Нови Сад. Дуелите со еден од фаворитите за титулата во АБА 2 ќе се играат на 19 и 20 септември и со тоа ќе продолжи соработката со Војводина со која лани Работнички одигра два меча во Нови Сад. Тренерот на Работнички, Владимир Мирковски во минатото ја предводеше Војводина и тоа е конекцијата која ја одржува врската меѓу овие два клуба.
Генералната проба за новата сезона ќе биде дуелот против Тиквеш во Кавадарци на 22 септември и тоа ќе биде единствениот подготвителен меч на гостински терен за Работнчки ова лето.


