Кошаркарскиот клуб Соколи продолжува да го засилува ростерот со амбиција за настап во Суперлигата. Во рок од само два дена клубот официјално промовираше две американски засилувања, со што јасно ги најави своите високи цели за новата сезона, но и ги потврди своите уверувања дека ќе игра во елитната конкуренција.
Првото странско засилување е Кам Хамилтон, плејмејкер од Шарлот, Северна Каролина, кој во Штип пристигнува со богато меѓународно искуство. Во досегашната кариера настапувал во САД, Албанија, Кипар и Полска. Хамилтон во сезоната 2025/26 го носеше дресот на полскиот второлигаш Катовице, каде што бележеше импресивни 19,9 поени, 5,7 скока, 3,8 асистенции и 2,5 украдени топки по натпревар.
Само еден ден подоцна клубот го потврди и ангажманот на Џеј Пал, крилен играч висок 206 сантиметри. Пал зад себе има сериозно НЦАА искуство, каде што настапувал за Џексонвил Стејт, Кемпбел и Сан Диего Стејт. По завршувањето на американската колеџ-кариера, тој играл професионално во Грузија, Белгија и Мексико.
Во сезоната 2025/26, настапувајќи за Фрајлес де Гуасаве, Пал имал просек од 13,2 поени и 5,5 скока по натпревар. Тој има државјанство и на Јужен Судан бидејќи неговото потекло е од оваа африканска држава.


