Еден од поискусните македонски кошаркари Ренато Димитриевски повторно ќе го носи дресот на МКК Куманово, откако по една сезона реши да се врати во средината во која добро ги знаат неговите квалитети.
Гостиварецот, кој има 35 години, игра на позициите 3 и 4, а најголемите негови адути се пожртвуваноста, борбеноста и огромното залагање на теренот. Станува збор за кошаркар кој секогаш го остава последниот атом од силата за тимот и е подготвен да ја преземе секоја задача која ќе биде поставена пред него. Неговата игра носи дополнителна енергија, особено во одбраната и во борбата за секоја топка.
Димитриевски две години беше член на МКК Куманово и тоа во сезоната во која беше изборен пласман во елитата и во првата сезона на клубот во оваа конкуренција.
Со неговото враќање, тимот добива искусен и борбен играч кој добро ја познава средината и кој со својот карактер може да биде значаен дел од составот.


