Финалистот во Купот на Македонија, МКК Куманово продолжува со изградбата на тимот за новата сезона.
Откако се засили со Бобан Стајиќ, Бојан Крстевски, Алек Петковски и Ренато Димитриевски, а го продолжи договорот со Стевановиќ, кумановци го обезбедија и потписот на американскиот плејмејкер Камерон Гуден. Станува збор за 27-годишен разигрувач, висок 180 сантиметри кој минатата сезона ја поминал во мексиканскиот тим Рајос де Хермосиљо.
Претходно две години поминал во британскиот клуб Сури Скорчерс, а во НЦАА настапувал за Дикси Стејт и Јута Тек универзитетите.
МКК Куманово на 1 септември официјално ги почнува подготовките за новата сезона. Екипата има околу еден месец да се подготви бидејќи пред крајот на септември, првпат во својата историја ќе учествува во Суперкупот на Македонија, против МЗТ Скопје.


