Легендарниот српски стручњак Светислав Пешиќ се вклучи во одбележувањето на 80-годишнината од формирањето на Кошаркарскиот клуб Работнички.
Довчерашниот селектор на репрезентацијата на Србија открива детали од својата играчка кариера во која еден од поинтересните моменти е можноста да заигра за Работнички.
„Малку требаше и малкумина знаат дека требаше да станам играч на Работнички. Во времето додека настапував за Пирот во Втора лига исток, исто како и Работнички. Легендарниот Лазар Лечиќ ме повика во Скопје, ми покажа каде ќе живеам и ми вети дека сигурно ќе завршам Економски факултет.
Секогаш се прашував зошто мене ме вика кога ги има најдобрите кошаркари на надворешните позиции. Можеби затоа се свртев кон Белград и заминав во Партизан“, открива Пешиќ.
Од неговата биографија, може да се заклучи дека тоа се случувало во 1967 година кога легендарниот кошаркар и тренер се преселил од Пирот во Партизан. Во белградскиот клуб поминал четири сезони, а потоа уште осум во Босна со која во 1979 година стана европски шампион и ја заврши кариерата.
Пешиќ зборува во суперлативи и за најпознатиот македонски тренер Лазар Лечиќ за кого вели дека е пионер на многу кошаркарски елементи во југословенскаѕа и европската кошарка.
Видеото со Светислав Пешиќ е дел од документарниот филм за 80-годишнината на Кошаркрскиот клуб Работнички, во изработка на Живко и Тадеј Здравковски.


