Поранешниот вицешампион на Македонија, ТФТ го одигра првиот подготвителен натпревар пред новата сезона, на гости кај амбициозниот грчки прволигаш ПАОК.
Солунскиот тим славеше со 94-69 што не е големо изненадување ако се земе предвид составот и неговото реноме, но никој во ТФТ не е незадоволен од она што се случуваше на теренот. Македонскиот претставник подобро го почна мечот, во петтата минута водеше со 15-8, а потоа ПАОК ја презеде контролата над играта и резултатот, со 19-7 до крајот на првата четвртина дојде до водство од 27-22 и на голем одмор замина со 50-38.
Разликата во квалитет дојде до израз во вториот дел, домаќините постојано ја зголемуваа предноста до конечните +25. ПАОК на овој меч не беше во комплетен состав, не играше најголемото летно засилување Џеди Осман, како и Калатес, Базинас, Персидис и Хугас, но учесникот во Еврокупот и без него има исклучително квалитетен состав.
Во ТФТ можат особено да бидат задоволни од летното засилаување Ѓорѓи Цветковски кој на првиот меч за новиот тим и само 20-тина дена по настапот на Европското јуниорско првенство, одигра извонреден натпревар, постигнувајќи 15 поени, со индекс 24 и +/- од +2, за 26 минути на теренот. Со 15 поени заврши и Секу Сила, но тој имаше исклучително лош шут од игра (4/16) иако тоа го надомести со 11 скока.
За ТФТ овој меч дојде само пет минути по почетокот на подготовките и јасно е дека играчите уште не се во најдобра форма. Многу подобра слика треба да даде дуелот против косовскиот прволигаш Бора кој ќе се одигра на 3 септември.


