Поранешниот шампион на Македонија, Работнички викендов ги почна подготовките за новата сезона, втора под водство на Владимир Мирковски.
Амбициите во неа се многу поголеми од минатата, Работнички со нова управа и засилен тим се надева на борба за шампионската титула која во Градски парк се чека од 2018 година. „Црвено-белите“ го сочуваа костурот од минатата сезона, останаа капитенот Ефремовски, како и Рикиќ, Робев, Петровски и Наков, си замина само Грушановиќ, а дојдоа четворица нови кошаркари: Дерин Говенс, Кристијан Николов, Тарик Брунчевиќ и Фатјон Реџа. Неофицијално, ростерот уште не е завршен и се очекува барем уште едно засилување пред почетокот на новата сезона.
На стартот на подготовките, тренерот Мирковски го немаше на располагање само Брунчевиќ кој се очекува да пристигне во текот на утрешниот ден по што тимот ќе биде речиси комплетиран. Од денеска до идниот понеделник на тренинзите нема да бидат присутни Ефремовски и Николов кои треба да се јават на подготовките на сениорската репрезентација, пред мечот со Австрија в недела.
Дека Работнички исклучително сериозно влегува во новата сезона, доказ е и распоредот на пријателски натпревари. Закажани се дури девет дуели од кои првиот е против Тиквеш на 6 септември, а четири од овие девет меча ќе бидат со ривали од соседството.


