Кошаркарскиот клуб Соколи 1933 од Штип е на чекор до настап во највисокиот ранг на македонската кошарка во сезоната 2026/27.
Комисијата за лиценцирање при Кошаркарската федерација на Македонија, по разгледувањето на пристигнатите пријави и целокупната документација, утврди дека штипскиот клуб ги исполнува условите за пополнување на испразнетото место во Суперлигата – мажи.
За местото конкурираа три екипи: Соколи, Феникс и Шкупи, но само клубот од Штип ги исполнил сите пропишани услови.
Од КФМ информираат дека Феникс во моментов не ги исполнува условите предвидени со Пропозициите и Правилникот за натпреварување. Дополнително, Шкупи, кој минатата сезона не учествуваше во системот на натпреварување поради неисполнети финансиски обврски, не ги исполнува условите за стекнување право на настап во највисокиот ранг.
Поради тоа, Комисијата за лиценцирање му предлага на Управниот одбор на КФМ да го одобри Соколи 1933 за пополнување на испразнетото место во Суперлигата. Ако УО го прифати предлогот, Суперлигата во сезоната 2026/27 ќе ја сочинуваат овие десет екипи: МЗТ Скопје, Маџари, Пелистер, ТФТ, Кожув, Тиквеш, МКК Куманово, Работнички, Струмица и Соколи.
Штипскиот клуб веќе почна со составувањето на тимот за претстојната сезона, дебитантска во историјата на овој колектив. За нов тренер е именуван поранешниот селектор на Македонија, Марјан Србиновски, а ангажирани се уште неколку звучни домашни и странски засилувања.


