Националниот кошаркарски тим на Македонија денеска ги почна подготовките за првиот претквалификациски дуел, против Австрија, а кошаркарите имаат чест да тренираат пред едно од најголемите тренерски имиња во светската кошарка.
На првиот тренинг беше присутен и довчерашниот селектор на српската репрезентација и кошаркарска легенда Светислав Пешиќ. Деновиве тој е гостин на КФМ и предавач на задолжителниот тренерски семинар во организацијата на Федерацијата, па ја искористи можноста да присуствува и на тренингот на нашиот национален тим.
Не се случува секој ден во земјва да присуствува освојувач на еден куп трофеи како играч и тренер, покрај тоа европски и светски шампион со репрезентацијата на Југославија.
Пешиќ им даде поддршка на нашите кошаркари и стручниот штаб, како и челниците на Федерацијата и истакна дека е сигурен во наш успех во дуелот со Австрија кој се игра в недела во Виена.


