Кадетскиот репрезентативец на Македонија, Александар Зунзуровски доби големо признание откако беше рангиран меѓу најголемите таленти во Европа од неговата генерација (2011).
Новиот кошаркар на Партизан се најде на 16. место во оваа категоризација што е исклучително висока позиција. Зунзуровски имаше одлична сезона во дресот на Црвена Звезда во кадетското првенство на Србија и во јуниорската АБА лига, а вчера беше претставен како играч на Партизан каде ќе продолжи во кадетскиот тим.
Летово тој настапи за македонската репрезентација на У16 Б-Европското првенство што се одржа во Скопје и Гевгелија и иако помлад од голем дел од соиграчите и противничките кошаркари, се промовира во еден од носителите на играта на нашиот тим. На осумте натпревари, просечно постигнуваше по 14,8 поени, 3,8 скока и 2 асистенции.

Најголем талент во оваа генерација е 210 сантиметри високиот центар на Барселона, Мохамед Дабон, а на четвртото место е поранешниот соиграч на Зунзуровски од Црвена Звезда, Димитрије Пуртиќ.
Во категоризацијата се најде уште еден кадетски репрезентативец на Македонија, Дион Шабани, но во генерацијата 2010 каде е рангиран на 36. место.


