Кошаркарската федерација на Македонија го објави составот на екипите во Првата лига – жени за натпреварувачката сезона 2026/27.
По разгледувањето на жалбите од страна на Арбитражната комисија на КФМ и проверката на доставената документација, Комисијата за лиценцирање утврди дека осум клубови ги исполнуваат условите за настап во највисокото ниво на женската кошарка.
Во постапката биле земени предвид спортскиот пласман од минатата сезона, стекнатите права на клубовите, доставената документација, како и исполнувањето на условите поврзани со финансиската дисциплина.
Според предлогот на Комисијата за лиценцирање, во Првата лига – жени во сезоната 2026/27 ќе настапуваат: Крива Паланка, Бадел, Баскет Кам, Вардар, Пробаскет, МЗТ Скопје, Патриот и Гевгелија. Ова значи дека Баскет кам и Пробаскет ги исполниле условите откако пред 20-тина дена не ја поминаа првата контрола на Кошаркарската федерација. Гевгелија минатата сезона ја освои титулата во Втората лига – жени и со тоа стекна право на настап во највисокиот ранг за сезоната 2026/27.
Од Федерацијата воедно нагласуваат дека и во текот на сезоната ќе се следи исполнувањето на сите пропишани услови за учество. Доколку биде утврдено дека некој од клубовите не ги исполнува обврските, КФМ ќе постапи согласно своите правилници и останатите важечки акти.


