Жељко Обрадовиќ и официјално го започна новото поглавје во Панатинаикос. Најтрофејниот европски тренер ги предводеше првите подготовки на атинскиот клуб за новата сезона, со што и официјално стартуваше неговото враќање на клупата на тимот со кој испиша историја.
Првиот тренинг се одржа во помошната сала на ОАКА, а атмосферата во тимот била на високо ниво. Обрадовиќ веднаш ја презеде контролата врз работата и одржал серија индивидуални разговори со кошаркарите, во обид уште од самиот почеток да ги постави темелите на новиот проект.
Посебно внимание привлече присуството на Мајк Батист. Легендарниот поранешен кошаркар на Панатинаикос се врати во Атина, но овојпат во нова улога – како еден од најблиските соработници на Обрадовиќ во стручниот штаб. Батист и српскиот тренер веќе имаат богата заедничка историја, а нивната повторна соработка е една од најинтересните приказни пред новата сезона.
Сепак, првите денови од подготовките не поминаа во комплетен состав. Голем број играчи се отсутни поради репрезентативни обврски, меѓу кои Динос Митоглу, Панајотис Калаицакис, Димитрис Мораитис, Хуанчо Ернангомез, Исак Бонга, Силвен Франсиско и Бранку Бадио.
Дополнителен проблем претставува отсуството на Кендрик Нан. Првата ѕвезда на тимот се опоравува од повреда на коленото и оперативен зафат, па засега не може да работи со остатокот од екипата. За да може непречено да се одвиваат тренинзите, стручниот штаб ангажираше неколку кошаркари како привремена помош во подготовките.
За Обрадовиќ ова е нов почеток во клубот во кој освои дури пет од своите девет титули во Евролигата. По 14 години, тој повторно се врати во Атина, но самиот нагласи дека минатото не смее да биде доволно за идните успеси. Панатинаикос во новата сезона повторно ќе има највисоки амбиции. Целта е борба за трофеи во сите натпреварувања, а најголем предизвик секако ќе биде Евролигата.


