Италијанскиот прволигаш Наполи направи сериозен чекор кон влез во Евролигата, откако Бордот на елитното европско кошаркарско натпреварување ја одобри обврзувачката понуда на италијанскиот клуб за стекнување франшиза.
Како дел од условите предвидени во понудата, Советот на Евролигата ѝ даде зелено светло на управата да продолжи со процесот и да ја претстави кандидатурата на Наполи пред сопствениците на клубовите во Евролигата. Конечната одлука се очекува наесен, кога сопствениците на клубовите треба формално да се изјаснат за предлогот. Во конкуренција се уште: Партизан, Црвена Звезда, Дубаи, Валенсија, Рома Максима, ПАОК, Хапоел Тел Авив, Лондон Лајонс, Париз и Виртус Болоња.
Од Наполи, чиј член е македонскиот репрезентативец Андреј Јакимовски, не го криеја задоволството по добиеното одобрение и изразија оптимизам дека процесот ќе заврши успешно.
„Чест ни е што бевме избрани од Евролигата и уверени сме дека нашата кандидатура може да ги добие формалните одобренија“, порачаа од клубот.
Доколку биде одобрена и од сопствениците на клубовите, ова би претставувало историски момент за кошарката во Наполи и голем чекор за клубот кон најсилното европско клупско натпреварување. Наполи во изминатиот период покажа амбиција за создавање сериозен европски проект, а евентуалното добивање франшиза во Евролигата би било едно од најзначајните признанија за тој процес.


