Лејсон Зеќири се враќа во сениорскиот национален тим и со голема мотивација го очекува претстојниот предизвик – дуелот со Австрија на 30 август во Виена.
Македонија во вториот круг од претквалификациите за Евробаскет 2029 влегува со максимален учинок од шест победи, но Зеќири смета дека досегашните резултати треба да останат во минатото и целосниот фокус да биде насочен кон натпреварот со Австријците.
„Имаме еден натпревар во овој претквалификациски циклус, односно ФИБА-прозорецот, оној против селекцијата на Австрија. Очекувам да го добиеме. Го комплетиравме тимот, ни се придружи и Мозес Рајт и мислам дека сега сме најсилни што можеме да бидеме“, вели Зеќири.
Македонскиот репрезентативец признава дека серијата од шест победи е одличен показател, но не сака таа да создава дополнителен притисок врз тимот.
„Да, навистина сето тоа изгледа добро, имавме 6-0, но сега ова е друга група, сè е ново. Не треба да се враќаме на она што било, мора да гледаме напред. Секако, поволен момент за нас е што сме во серија на победи. Сепак, многу е подобро чувството кога ќе победиш отколку кога ќе загубиш. Мислам дека сме доста спремни за да победиме“, додава Зеќири.
Австрија според ранкингот е сериозен противник, но Зеќири потенцира дека македонската репрезентација пред сè треба да се концентрира на сопствената игра и подготовка.
„Без оглед на сè, ние треба да ја гледаме само нашата работа. Има неколку денови до натпреварот во кои извесно ќе погледнеме и видео-материјали за тоа како игра нашиот противник. Ќе видиме што треба да подобриме и на што треба да работиме. Во овие денови ќе се фокусираме на тоа како да одиграме против Австрија“, истакнува репрезентативецот.
Македонија против Австрија ќе игра на 30 август во Виена, во рамките на вториот круг од претквалификациите за Евробаскет 2029. „Црвено-жолтите“ во Австрија ќе атакуваат на продолжување на победничката серија и успешен старт на новата фаза од претквалификациите.


