Иако Австрија ја имаше фаворитската улога, репрезентацијата на Кипар направи мало изненадување откако попладнево славеше во меѓусебниот дуел од првото коло на втората претквалификациска фаза, со 77-72.
Многумина пред стартот на претквалификациите го отпишаа Кипар, но оваа селекција го искористи фактот што Австријците се ослабени во овој „прозорец“ и дојдоа до огромна победа која ги остава во игра за пласман во квалификациите за Европското првенство во 2029 година. Натпреварот помина во израмнета игра за што најдобар доказ е тоа што ниедна од репрезентациите немаше повисока предност од пет разлика.
Кипар дојде до победата благодарение на подобрата игра во последните две минути во кои влезе со негатива од 66-67. Прво направи серија од 5-0, Капич со тројка ја врати Австрија на еден поен негатива, а клучните кошеви во последните 20-тина секунди ги постигнаа Тикас и Павлидис.
На македонската репрезентација сега ѝ останува в недела да ја совлада Австрија во Виена и тотално да ја отпише од битката за првото место, а потоа против Кипар да продолжи да се бори за единствената позиција која води во главните квалификации.


