Кошаркарската репрезентација на Хрватска одигра фантастичен натпревар во Задар и убедливо ја совлада Летонија со 115-80 со што направи голем чекор кон пласман на Светското првенство во 2027 година.
Избраниците на Томислав Мијатовиќ од самиот почеток го диктираа ритамот. По првата четвртина Хрватска водеше со 23-14, а до полувремето предноста веќе достигна 19 поени – 60-41. Особено импресивна беше втората четвртина, во која Хрватите постигнаа дури 37 поени.
Во продолжението немаше неизвесност. Хрватска продолжи да ја зголемува предноста, а Летонија немаше решение за играта под кошот и одличниот шут на домаќините. Клучна фигура во првото полувреме беше Карло Матковиќ, кој постигна 12 поени без промашување од игра, додека целата екипа функционираше на високо ниво.
Победата е исклучително значајна во борбата за пласман на Мундобаскетот. Хрватска сега има три победи повеќе од Летонија, која е на четвртото место и ако во следното коло ја совлада Холандија на гости, ќе може да се подготвува за пат во Катар идното лето.
За Хрватите ова беше и емотивна вечер, бидејќи пред натпреварот официјално се простија од Бојан Богдановиќ, еден од најдобрите кошаркари во историјата на земјата. Богдановиќ ја заврши играчката кариера минатата година, а во репрезентативниот дрес настапуваше од младинските категории до сениорскиот тим.


