На нешто повеќе од 24 часа пред почетокот на натпреварот против Австрија, македонската репрезентација доби лоши вести во врска со составот.
Еден од најдобрите македонски кошаркари во моментов Андреј Јакимовски нема да настапи на утрешниот дуел затоа што неговиот нов клуб Наполи и тренерот Јасмин Репеша одговорија негативно на барањето тој да заигра на овој натпревар. Јакимовски пред два дена играше подготвителен меч против Игокеа во Крањска Гора и се очекуваше да допатува директно во Виена, но сепак ќе остане со својот тим. Јакимовски имаше огромна желба да настапи на утрешниот натпревар, но за жал нема да може да им се придружи на соиграчите.
Тоа ќе биде хендикеп за Жосеп Марија Берокал, но отсуството на Јакимовски ќе треба да го покријат останатите играчи, пред се Димитријевиќ и Рајт. Претходно од конкуренција отпаднаа Николов и Бошалески, па оние 12 кои вчера заминаа за Виена ќе играат утре.
Односот на Наполи кон Јакимовски и македонската репрезентација можеби сега нема да биде проблем, но секако може да има импликации за претстојните дуели во претквалификациите за Европското првенство. На нив можеби ќе ги немаме Димитријевиќ и Рајт, па присуството на Јакимовски ќе биде многу поважно отколку во моментов.
СОСТАВ НА РЕПРЕЗЕНТАЦИЈАТА
Ненад Димитријевиќ
Виктор Ташовски
Виктор Ефремовски
Војдан Стојановски
Лука Стојановски
Адем Мекиќ
Стојан Ѓуроски
Лејсон Зеќири
Валмир Какруки
Резарт Мемед
Тома Стојаноски
Мозес Рајт


