Кога се зборува за лидерите на македонската кошаркарска репрезентација, првите имиња најчесто се Ненад Димитријевиќ, Војдан Стојановски или Андреј Јакимовски. Но, во сенка на најголемите ѕвезди, постои човек чија улога е подеднакво важна – Стојан Ѓуроски.
Искусниот кошаркар со години е дел од националниот тим, а неговото присуство носи нешто што не се гледа секогаш во статистиката. Ѓуроски е еден од оние играчи кои не мора да бидат најгласни за да имаат авторитет во соблекувалната.
Тој е „тивкиот лидер“ – човекот кој знае кога треба да се зборува, кога треба да се смири ситуацијата, кога треба да се (под)викне и кога треба прв да ја преземе одговорноста на теренот.
Неговото искуство е особено важно за младите кошаркари кои постепено го фаќаат чекорот со сениорската репрезентација. Ѓуроски помина низ различни европски средини, играше во Македонија и во странство, а денес неговото искуство е еден од важните адути на тимот на Жозеп Марија Берокал. И самиот Ѓуроски во пресрет на дуелот со Австрија покажа дека пристапот му е тимски. По изненадувачкиот пораз на Австрија од Кипар, тој не сакаше да го потцени противникот, туку порача дека сите селекции во групата заслужуваат максимален респект.
„Изненадување е резултатот, но тоа е потврда дека сите репрезентации се квалитетни и заслужуваат респект“, порача Ѓуроски.
Токму таков е и неговиот карактер – без големи зборови, без непотребна еуфорија и без потценување на противникот. Во репрезентација каде што има играчи со голема индивидуална класа, Ѓуроски е еден од оние кои ја носат стабилноста. Неговата задача не е само да постигнува поени или да игра одбрана, туку да биде дел од внатрешната структура на тимот. Доказ за тоа е фактот што играше кај дури десет селектори и кај сите беше неизоставен дел и значаен сегмент од репрезентативниот мозаик.
Македонија во новиот циклус има амбиција да стигне до квалификациите за Еуробаскетот 2029, а за таква цел не се потребни само ѕвезди. Потребни се и играчи кои ја разбираат тежината на репрезентативниот дрес и знаат како функционира тимот.
Со безмалку 35 години, гостиварецот е втор највозрасен играч во оваа репрезентација на Македонија, зад 38-годишниот Војдан Стојановски. Тие двајца се и единствените во актуелната селекција кои учествуваа во последниот настап на нашиот национален тим на Европско првенство, во 2015 година, со тоа што играа и две години претходно што значи дека Ѓуроски има два континентални шампионати зад себе. За 13 години во репрезентацијата одигра 62 натпревари, во овој циклус ќе има можност да го стигне Врбица Стефанов кој има 66, а пред него ќе останат само Тодор Гечевски и рекордерот Војдан Стојановски.


