Македонската кошаркарска репрезентација денеска ја започнува втората претквалификациска фаза за пласман во квалификациите за Европското првенство во 2029 година.
Првата пречка за избраниците на Жозеп Марија Берокал е селекцијата на Австрија, против која Македонија ќе гостува во Виена. Натпреварот ќе се одигра во „Спорт Арена Виена“, со почеток во 16:05 часот, а натпреварот е од исклучително значење за натамошниот дел од претлвалификациите.
Нашата репрезентација во оваа фаза влегува со одлична атмосфера и огромна самодоверба. Македонија има седум победи во низа, серија која започна уште во претквалификациите за Светското првенство, против Унгарија на домашен терен. Избраниците на Берокал претходната рунда ја завршија со максимален ефект од шест победи и јасно покажаа дека се подготвени да го прекинат долгото отсуство од континенталните шампионати.
Сега, сепак, следува нов предизвик. Резултатите од претходната фаза се минато, а секој натпревар во оваа група може да биде пресуден во борбата за првото место. Македонија е во групата Ф заедно со Австрија и Кипар, а целта е јасна – освојување на првото место и пласман во следниот циклус кон Еуробаскет 2029.
Австрија веќе одигра еден натпревар во оваа фаза. На гостувањето кај Кипар претрпе пораз со 72-77, па денешниот натпревар за домашната селекција е исклучително важен. Австријците ќе бараат реакција пред својата публика и победа со која би останале во игра за врвот на групата. Тоа што во четвртокот Австријците гостуваа на Кипар е од големо значење за македонската репрезентација бидејќи противникот немаше многу време за заеднички подготовки, додека нашите кошаркари беа фокусирани исклучиво на денешниот меч.
Македонија во Виена ќе настапи без Андреј Јакимовски, кој не доби дозвола од својот клуб да се приклучи на репрезентативниот тим за овој натпревар. Сепак, Берокал има сериозни адути во составот, предводени од капитенот Ненад Димитријевиќ и Мозес Рајт. И претходните натпревари покажаа дека атмосферата во националниот тим е одлична и дека можеме да се надеваме на продолжување на победничката серија.
Денешниот натпревар во Виена ќе го води судиска тројка во состав: Илијас Карпанос од Грција, Лукаш Јанковски од Полска и Виктор Наѓ од Унгарија.


