Само 15 месеци откако играше финале на Евролигата, Монако се најде во ситуација која до неодамна изгледаше незамисливо. Францускиот клуб е исфрлен од системот на професионалните натпреварувања, а неговата иднина е сериозно загрозена.
Француската кошаркарска федерација ја одби жалбата на Монако, со што остана на сила одлуката клубот да не може да настапува во првите две професионални рангирања на француската кошаркарска пирамида во следната сезона.
Причината се сериозните финансиски проблеми со кои клубот се соочува. Средствата на поранешниот сопственик Алексеј Федоришчев се замрзнати, а Монако не успеа да обезбеди доволно гаранции за стабилно функционирање во новата сезона. Во обид да се спаси ситуацијата се вклучија и државните институции, но засега без успех.
Дополнителен проблем беше и спорот со француската лига околу таканаречената „такса на луксуз“, која клубовите ја плаќаат кога нивниот буџет за плати ќе надмине одредена граница. Монако го загуби спорот, а финансиската неизвесност продолжи да расте.
Последиците се драматични. Клубот веќе остана без местото во Евролигата и без голем број од своите досегашни кошаркари. Иако постоеше план Монако да продолжи во Еврокупот, сега и тоа е под знак прашалник. Особено неверојатно звучи фактот што Монако пред само 15 месеци беше финалист на Евролигата, а сега се соочува со можност да падне во полупрофесионален или аматерски ранг.
Клубот во меѓувреме бара нов инвеститор кој би можел да го стабилизира работењето и да го спречи целосниот колапс. Сè уште постојат одредени правни и спортски опции, но времето истекува. Интересно е тоа што Монако ќе биде веројатно единствен клуб што се натпреварува во Еврокупот, а учествува во домашната Трета лига.


