Македонската репрезентација на фантастичен начин ја почна втората претквалификациска фаза за Европското првенство во 2029 година откако денеска како гостин ја разнесе Австрија со 91-59.
Ова е извонреден резултат за нашата селекција, а кој веројатно дефинитивно ја елиминира Австрија од конкуренција за првото место по поразот од Кипар во првото коло. Македонија во претстојните два дуела со Кипар, во ноември и февруари директно ќе решава за челната позиција која води во главните квалификации.
Денешниот натпревар го одбележа тимската игра, селекторот Берокал им даде шанса на сите кошаркари, но Ненад Димитријевиќ уште еднаш покажа колку значи за оваа селекција. Новиот кошаркар на Арис оствари трипл дабл, постигнувајќи 15 поени, 14 скока и 11 асистенции. Македонската репрезентација брзо направи висока предност, по серијата од 12-0 во првата четвртина отиде на 26-11, а веќе во вториот период имаше огромни 38-16. По само 13 минути игра беа решени речиси сите дилеми околу победникот, а австриската репрезентација до крајот не успеа да се доближи на помалку од 15 поени разлика.
По серијата од 11-0 во последниот квартал, предноста првпат отиде на 30 поени (85-55), па финалните минути останаа само како формалност.
Покрај Димитријевиќ, се истакнаа уште Виктор Ефремовски кој беше најефикасен со 17 поени, потоа дебитантот Мозес Рајт кој за малку не оствари дабл дабл, постигнувајќи 12 поени и девет скока, како и Мекиќ кој се врати во националниот тим со 12 поени.


