Македонската кошаркарска репрезентација на одличен начин ја започна втората претквалификациска фаза за Евробаскет 2029, откако со убедливи 91-59 славеше на гостувањето кај Австрија.
Еден од најзаслужните за убедливиот триумф беше Виктор Ефремовски, кој со 17 поени беше најефикасен македонски кошаркар на натпреварот.
По средбата, Ефремовски го истакна тимскиот карактер и одличната одбрана како главни причини за големата победа во Виена.
„Мислам дека одигравме добар натпревар против Австрија. Најважно беше што одигравме добра одбрана и мислам дека токму тоа беше клучот за натпреварот. Како екипа бевме борбени, си помагавме еден на друг и не им дозволивме лесно да доаѓаат до поени“, вели Ефремовски.
Македонија конечно беше речиси во комплетен состав, а особено значајно беше враќањето на Ненад Димитријевиќ. Плејмејкерот на Арис веднаш покажа што значи за националниот тим, остварувајќи историски трипл дабл со 15 поени, 14 скока и 11 асистенции. Ефремовски смета дека присуството на Димитријевиќ отвора дополнителни можности во играта на Македонија.
„Конечно бевме речиси во полн состав и тоа многу ни значи. Кога сме сите заедно, многу полесно се игра, а особено кога е Нено со нас. Со него многу полесно функционираме и на теренот имаме повеќе опции“, истакнува македонскиот репрезентативец.
По победата во Виена, Македонија има одлична почетна позиција во групата Ф, но до крајот на циклусот остануваат уште три натпревари. Следниот важен предизвик ќе биде дуелот со Кипар во Скопје во ноември, а потоа следуваат уште две пресметки во февруари.
Целта на „црвено-жолтите“ е јасна – првото место во групата и пласман во главните квалификации за Европското првенство.
„Не очекуваат важни натпревари во февруари против Кипар и повторно против Австрија. Целта ни е јасна – сакаме да завршиме како први во групата и да обезбедиме пласман во квалификациите за Европското првенство. Верувам во оваа екипа и мислам дека имаме квалитет да го направиме тоа“, порача Ефремовски.
За македонскиот репрезентативец сега најважно е тимот да остане здрав и што почесто да биде во комплетен состав.
„Сега најважно е да продолжиме да работиме, да бидеме здрави и што почесто да бидеме во полн состав. Ако ја задржиме оваа енергија и пристап, верувам дека можеме да ги оствариме целите“, заклучи Ефремовски.
Капитенот на Работнички е можеби најголемиот добитник од доаѓањето на Жосеп Марија Берокал на селекторската позиција. Шпанскиот стручњак ги увиде квалитетите на 27-годишниот шутер и максимално ги користи, а Ефремовски под негово водство стана постојан член на стартната петорка. Сето ова доаѓа во период кога гостиварецот ја игра најдобрата кошарка во кариерата и е најдобар играч во македонското кошаркарско првенство.


