Крилниот центар Метин Саити е ново засилување за Струмица во сезоната во која тимот од истокот на Македонија се враќа во македонската кошаркарска елита.
Саити има 22 години, а во досегашната кариера настапуваше за Работнички и Чаир, каде што го градеше своето име на македонската кошаркарска сцена. Тој беше и дел од младинските репрезентативни селекции на Македонија, а се надева дека преку Струмица ќе се избори за повик во националниот тим.
За Саити, трансферот во Струмица има дополнително значење бидејќи зад него е тежок период во кариерата. Младиот кошаркар имаше сериозна повреда на коленото, поради која подолг период беше надвор од терените, но успеа да се рехабилитира и преку Чаир да се врати на кошаркарските терени. За него летово беа заинтересирани неколку македонски суперлигаши, неколку дена помина на тренинзи и со шампионот МЗТ Скопје, но на крајот ја прифати понудата од Струмица.
Струмица во Саити добива млад кошаркар со искуство во домашното првенство и настапи за младинските национални селекции, а за Саити ова може да биде важен чекор во враќањето на нивото на кое настапуваше пред повредата.


