Монако бара излез од тешката ситуација во која се најде по исклучувањето од професионалните натпреварувања во Франција, а спасот би можел да го побара во АБА-лигата.
Според информациите на српскиот „Спорт Клуб“, челниците на Монако стапиле во контакт со раководството на регионалното натпреварување и изразиле желба уште во претстојната сезона да станат дел од АБА-лигата.
Францускиот клуб, наводно, е подготвен да плати дури 500.000 евра за специјална покана, односно вајлд-карта за настап во АБА-лигата. Сепак, реализацијата на ваквиот план ќе биде исклучително тешка. АБА-лигата веќе го утврди составот за новата сезона со 20 екипи, а направен е и распоредот на натпреварите. Евентуалното приклучување на Монако би значело промена на форматот и додавање на 21. клуб.
Монако се најде во ваква ситуација откако беше исклучен од професионалниот систем на француската кошарка. Поради тоа, неизвесна е и неговата иднина на европската сцена, па клубот активно бара алтернативно решение за да остане на највисоко ниво и да продолжи да игра во Еврокупот.
Иако шансите за реализација на идејата во овој момент се сметаат за мали, понудата од 500.000 евра покажува колку Монако е подготвен да направи за да го избегне настапот во пониските француски рангови. Доколку АБА-лигата сепак го прифати предлогот, тоа би било едно од најголемите изненадувања во историјата на натпреварувањето.


