Кошаркарската репрезентација на Турција обезбеди пласман на Светското првенство во 2027 година, откако убедливо го совлада Исланд со 110-73.
Избраниците на Ергин Атаман продолжија со импресивниот настап во квалификациите и стигнаа до осмата последователна победа. Со максимален учинок, Турција го потврди првото место во групата Ј и стана првата репрезентација што обезбеди пласман на Мундобаскетот во 2027 година, преку квалификациите.
Од самиот почеток Турците ја презедоа контролата врз натпреварот. Разликата во квалитетот и широкиот ростер на Атаман особено дојдоа до израз во продолжението, па Турција на крајот стигна до убедлива победа со 37 поени разлика. Најефикасни во победничкиот состав беа Џеди Осман и Онуралп Битим со по 17 поени. Кенан Сипахи постигна 15, додека Хазер и Сајбир додадоа по 10 поени. Во составот на Исланд најмногу се истакнаа Мартин Хермансон и Хаукур Палсон, кои постигнаа по 10 поени.
По осум одиграни натпревари, Турција има максимален учинок од осум победи и се наоѓа на врвот на групата Ј. Србија е втора со шест победи и два порази, додека Италија има пет победи и два порази.
По извонредниот настап на Европското првенство минатата година кога го освои сребрениот медал, Турција на Мундобаскетот во Катар ќе се обиде да го повтори успехот, па и да го надгради со првиот голем трофеј во својата историја.


