Легендарниот капитен на Рома, Франческо Тоти, влегува во светот на кошарката, откако стана дел од амбициозниот проект на новиот италијански клуб Максима Рома.
Тоти официјално ќе ја има функцијата советник во сопственичката структура на клубот, а ќе биде задолжен и за развојот на навивачката база и активностите поврзани со општествената одговорност.
Максима Рома е нов кошаркарски проект чија долгорочна цел е главниот град на Италија повторно да го врати на највисоко ниво во домашната и европската кошарка. Првите големи амбиции на клубот се пласман во италијанската Серија А и настап во Еврокупот, додека во иднина плановите се уште поголеми.
„Сакав нова мотивација и почувствував потреба да се испробам во нов предизвик. Улогата, но пред сè проектот што ми беше претставен, веднаш ме убедија. Многу сум среќен што ќе бидам активен дел од овој проект и му благодарам на клубот за довербата“, изјави Тоти.
Еден од најголемите фудбалери во историјата на Рома откри и што ќе биде првата задача на новиот проект.
„Првата цел ќе биде да изградиме цврста група, да го засилиме тимот и да создадеме услови да станеме една од водечките организации во италијанската кошарка. Потоа ќе гледаме кон Европа и понатаму“, додаде Тоти.
Претседателот и сопственик на клубот, Пол Матијашиќ, смета дека ангажманот на Тоти е важен чекор во поврзувањето на новиот кошаркарски проект со самиот град.
„Малку луѓе подобро од него ја разбираат одговорноста што ја носи претставувањето на Рим на највисоко ниво. Горди сме што можеме да го пречекаме како наш советник“, порача Матијашиќ.
Тоти целата своја професионална фудбалска кариера ја помина во Рома и со години беше еден од најголемите симболи на клубот и на Рим. Сега, по фудбалот, легендарниот „Принц на Рим“ ќе се обиде своето искуство, авторитет и влијание да ги пренесе и во кошаркарскиот свет.


