Наполи не го пушти Андреј Јакимовски да игра против Австрија во неделата, а македонскиот репрезентативец целата лутина за тоа ја истури вечерва врз Крка.
Италијанскиот прволигаш се наоѓа на подготовки во Крањска Гора каде се сретна со Крка и славеше со 104-65. Очигледна беше разликата во квалитет, но Јакимовски го иискористи натпреварот за да се наметне како една од главните опции во тимот пред почетокот на новата сезона.
Натпреварот го заврши како убедливо најефикасен играч на мечот, со 27 постигнати поени и индекс 30. Погоди шест тројки од осум обиди, а додаде уште осум скока и една украдена топка. Интересно е тоа што Јакимовски доби најголема минутажа од Јасмин Репеша и на теренот помина повеќе од 28 минути. Вториот стрелец во тимот на Наполи беше Ремзи со 19 поени.
Формата на Јакимовски во оваа фаза од подготовките може да биде добар знак и за него и за Наполи. Сезоната почнува за околу еден месец, а во неа Наполи ќе се натпреварува во домашното првенство и во Еврокупот.


