ФИБА направи значаен чекор кон потенцијалното враќање на Русија во меѓународната кошарка, откако ги укина ограничувањата за индивидуални спортисти и службени лица од овие земји.
Одлуката се однесува на кошаркари, тренери, судии, делегати и други официјални лица, кои со моментално дејство повторно можат да учествуваат, односно да бидат номинирани за натпревари под капата на ФИБА, вклучително и во 3×3 кошарката.
Сепак, ова не значи и целосно враќање на руската кошарка на меѓународната сцена. Репрезентациите и клубовите засега остануваат надвор од натпреварувањата, а ФИБА конечната одлука за нивниот евентуален камбек ќе ја донесе во декември 2026 година.
Одлуката доаѓа по промената на ставот на Меѓународниот олимписки комитет, кој ги укина претходните препораки за ограничување на учеството на руските спортисти. Сепак, секоја меѓународна спортска федерација самостојно одлучува за условите и начинот на евентуалното враќање.
Претседателот на Кошаркарскиот сојуз на Русија, Андреј Кириленко, ја поздрави одлуката и истакна дека преговорите со меѓународните спортски организации продолжуваат.
До декември ФИБА, заедно со МОК и останатите релевантни организации, ќе работи на прашањата поврзани со безбедноста, логистиката и антидопинг-програмите, кои ќе бидат важен дел од евентуалното враќање на руските тимови.
Така, по повеќе од четири години ограничувања, руските кошаркари добија можност повторно да настапуваат на индивидуално ниво, додека за националните селекции и клубовите останува да се почека одлуката на ФИБА во декември.


