НБА изрече една од најтешките, ако не и најтешката казна во историјата на лигата за Лос Анџелес Клиперс по истрагата за заобиколување на правилата за „salary cap“, поврзана со Кавај Ленард.
Клубот ќе остане без пет избора од првата рунда на драфтот, и тоа во 2029, 2030, 2031, 2032 и 2033 година. Покрај тоа, Клиперси ќе мора да платат огромна парична казна од 30 милиони долари.
Уште поголем удар за франшизата е суспензијата на сопственикот Стив Балмер, кој една година нема да смее да учествува во активности поврзани со НБА и клубот. Лигата оценила дека тој свесно помогнал Ленард да добие дополнителни приходи надвор од кошаркарскиот договор и не обезбедил организацијата да ги почитува правилата.
Казни добија и други луѓе од клубот. Претседателката за бизнис-операции Џилијан Закер е суспендирана една година без плата, додека претседателот за кошаркарски операции Лоренс Френк ќе паузира шест месеци без плата.
Самиот Кавај Ленард нема да биде суспендиран, ниту неговиот договор ќе биде поништен, но ќе мора да плати 700.000 долари. Неговиот поранешен менаџер и чичко Денис Робертсон, доби петгодишна забрана за вршење активности со НБА-клубови.
Истрагата, која траеше речиси една година, се фокусираше на договорот за рекламирање вреден 28 милиони долари меѓу Ленард и компанијата „Аспирејшн“, како и на други деловни договори. НБА утврди дека Клиперс помагале во обезбедувањето дополнителни приходи за Ленард преку компании кои имале деловни односи со клубот.
Од Клиперс, сепак, жестоко ги отфрлија заклучоците на НБА и порачаа дека истрагата била пристрасна и дека ќе ги оспорат казните со сите расположливи правни средства.
Казната може сериозно да ја промени иднината на Клиперс, бидејќи клубот останува без пет последователни прволигашки драфт-пикови, а во следните пет години ќе биде под посебен програм за мониторинг и усогласеност со правилата на НБА.


