Раководството на Лос Анџелес Клиперс жестоко реагираше на казната што ја изрече НБА по речиси едногодишната истрага за наводно заобиколување на правилата за „salary cap“ во случајот со Кавај Ленард.
Франшизата објави остро соопштение во кое ги отфрла заклучоците од истрагата и најавува дека со сите расположливи правни средства ќе се бори против одлуката на лигата.
„Категорично ги отфрламе заклучоците на НБА лигата, кои се резултат на крајно пристрасна истрага чија цел била да ја оправда однапред поставената приказна, наместо да се раководи од фактите и доказите“, порачаа Клиперс.
Оттаму тврдат дека постои разлика меѓу она што НБА приватно им го соопштила и информациите што сега се објавени во јавноста.
„Она што лигата приватно ни го соопшти се разликува од она што денеска е јавно објавено.“
Клиперс го доведоа во прашање и начинот на кој била спроведена истрагата, обвинувајќи ја лигата дека не ги почитувала стандардите поставени од комесарот Адам Силвер.
„Лигата не ги почитуваше стандардите што комесарот Адам Силвер ги постави на почетокот на истрагата, за таа да биде спроведена правично и прецизно.“
Франшизата од Лос Анџелес истакнува дека во текот на целата истрага соработувал со НБА, но дека сега ќе се бори да ја докаже својата невиност.
„Во текот на претходната година целосно соработувавме во добра вера, а сега подеднакво силно ќе се бориме да ја докажеме нашата невиност.“
НБА ги прогласи Клиперс за виновни за заобиколување на правилата за „salary cap“ преку тајни договори поврзани со Кавај Ленард. Како последица на случајот, франшизата остана без дури пет пика од првата рунда на НБА-драфтот, од 2029 до 2033 година. Највисоката парична казна му беше изречена на сопственикот на клубот, Стив Балмер. Тој е казнет со 30 милиони долари и суспендиран на една година.
Претседателката на деловните операции Џилијан Закер, исто така доби едногодишна суспензија без плата, додека претседателот на кошаркарските операции, Лоренс Френк, е суспендиран шест месеци без плата. Казната не го заобиколи ниту Кавај Ленард, кој е санкциониран со 700.000 долари.
Клиперс немаат намера да ја прифатат одлуката без борба. Од клубот најавија дека ќе ги искористат сите достапни правни механизми за да ги оспорат и заклучоците од истрагата и изречените казни.
„Одлучни сме со сите достапни правни средства енергично да ги оспориме овие заклучоци и казни и очекуваме етична и непристрасна арбитражна постапка“, се наведува во соопштението.
Со ова, случајот добива ново продолжение, а конечниот исход би можел да има сериозни последици за Клиперси и нивната иднина во НБА.


