Голема сензација во домашното првенство се случи денеска откако актуелниот вицешампион на Македонија, Маџари објави дека сосема го менува својот идентитет.
Клубот од Гази Баба во новата сезона ќе влезе под називот Скопје 2023 што е големо изненадување за сите инволвирани во домашната кошарка. Одлуката е објавена на социјалните мрежи каде клубот ги повика фановите од Гази Баба да му дадат поддршка.
„КК Маџари се ребрендира во КК СКОПЈЕ – име кое носи препознатливост, традиција и амбиција, но пред сè, име кое го обединува духот на нашиот град и спортската енергија на Општина Гази Баба.
Ова не е само промена на името.
Ова е нов чекор во градењето на една уште поголема и попрепознатлива спортска приказна.
Гази Баба отсекогаш била место каде што се создаваат спортисти, каде што се живее за спортот и каде што младите го учат најважното – дека со работа, посветеност и тимски дух, границите не постојат“, пишува, меѓу другото, во соопштението.
Скопје во новата сезона првпат ќе учествува на меѓународна сцена, преку настапот во АБА 2, а уште пред два месеца објави дека се сели од својот дом во Маџари и како домаќин ќе настапува во „Јане Сандански“. Така, во новата сезона, шампионот и вицешампионот на Македонија ќе влезат со исти имиња што веројатно не се случило досега во историјата на кошарката.


