По повод 25-годишнината од основањето, АБА-лигата објави листа од 25 кошаркари кои оставиле најголем белег во историјата на регионалното натпреварување.
На листата има голем број кошаркарски легенди кои преку настапите во АБА-лигата подоцна стигнаа и до највисоките европски, па и светски височини. Меѓу нив се и Никола Јокиќ, Милош Теодосиќ, Богдан Богдановиќ, Дарио Шариќ, Горан Драгиќ, Никола Пековиќ, Василије Мициќ…
Сепак, за македонската кошаркарска јавност, најинтересен е изборот на поранешниот репрезентативец Лестер Бо Мекејлеб кој остави длабока трага носејќи го дресот на Партизан. Интересно е тоа што Мекејлеб е избран во најдобрите 25 во историјата на АБА лигата и покрај тоа што во неа помина само една сезона – 2009/10.
Конечниот избор беше направен по гласање во кое учествуваа тренери, кошаркари, претставници на медиумите и навивачи. Најголема тежина имаа гласовите на тренерите – дури 70 проценти, додека поранешните освојувачи на наградата за најкорисен играч учествуваа со 20 проценти. Навивачите и медиумите имаа по пет проценти.
Најдобрите 25 во историјата на АБА лигата се: Анте Томиќ, Бо Мекејлеб, Богдан Богдановиќ, Бојан Богдановиќ, Чарлс Џенкинс, Дарио Шариќ, Дејан Милојевиќ, Дино Раѓа, Душан Кецман, Горан Драгиќ, Факундо Кампацо, Игор Ракочевиќ, Јака Лакович, Јан Весели, Крунослав Симон, Лука Божиќ, Марко Поповиќ, Милош Теодосиќ, Никола Јокиќ, Никола Калиниќ, Никола Пековиќ, Никола Вучевиќ, Немања Бјелица, Немања Гордиќ и Василије Мициќ.
Изборот, очекувано, предизвика внимание и дебати, особено поради тоа што листата опфаќа само 25 имиња од огромниот број кошаркари кои оставиле трага во АБА-лигата.


