Точно една недела откако со трипл дабл ја предводеше македонската репрезентација до убедлива победа против Австрија, Ненад Димитријевиќ го забележа дебито во дресот на Арис, на пријателски натпревар.
Попладнево, солунскиот тим се сретна со новиот прволигаш на Грција, Викос Фалконс и победи со 97-80. Јасна е разликата меѓу овие две екипи, во текот на мечот Арис водеше и со 20+ разлика и очекувано стигна до убедлив триумф иако во последната четвртина Викос се доближи на 74-84..
Димитријевиќ во својот прв натпревар покажа дека ќе биде лидер на оваа екипа. Мечот го заврши како прв стрелец со 20 постигнати поени, два повеќе од Морган и Лидел. Арис беше некомплетен на овој меч бидејќи Спанулис не можеше да смета на Мокока, Танулис, Костас Адетокунбо, Јовиќ и Пуланитис.
Претстојната недела Арис ќе тренира во Солун, а идната недела ќе учествува на силен турнир во Никозија каде се сретне со Макаби и Црвена Звезда. Генералната проба за новата сезона ќе ја има на турннирот „Маврускуфиа“ во Солун од 20 до 22 септември на кој ќе учествува и ТФТ.


