Ти Џеј Шортс со победа го започна новиот предизвик во кариерата, откако дебитираше за Валенсија во првиот пријателски натпревар во пресрет на новата сезона.
Шпанскиот тим славеше над Сарагоса со 88-81, а Шортс веднаш покажа дека ќе биде едно од главните оружја на Валенсија во новата сезона. Американскиот плејмејкер со македонски пасош натпреварот го заврши со 13 поени, во своето прво појавување во дресот на новиот клуб.
Најефикасен во победничкиот состав беше Брукс со 14 поени, додека двоцифрен учинок имаше и Алваро Карденас, кој постигна 10 поени.
Шортс летово ја напушти Грција и се пресели во Валенсија по една сезона помината во Панатинаикос. За грчкиот гигант минатата сезона просечно постигнуваше 8,1 поен, со 1,3 скока и 2,9 асистенции по натпревар. Сега пред него е ново поглавје во Шпанија, каде што од него се очекува да биде еден од клучните играчи на Валенсија во борбата на повеќе фронтови во новата сезона.


