Српските медиуми изразија чудење и разочарување што претстојниот квалификациски натпревар против Литванија, во ноември против Литванија нема да го играат во Вилнус или Каунас, туку во град кој воопшто не го очекуваа.
Литванците одлучија големиот противник да го пречекаат во Клаипеда, град кој се наоѓа покрај Балтичкото море што предизвика дури и револт кај Србите. Меѓу другото, тие се незадоволни и од терминот, 18:30 часот по локално време.
Овој дуел може да има големо значење во борбата за пласман на Мундобаскетот. Србија моментално има учинок од шест победи и два порази во групата Ј и се наоѓа на второто место, додека Литванија е четврта со четири победи и четири порази. На Светското првенство ќе се пласираат трите најдобри репрезентации од групата, па секој натпревар до крајот на квалификациите ќе биде од голема важност.
За Литванија ситуацијата е особено тешка, бидејќи според моменталниот распоред и табелата, на домаќинот може да му биде потребно да ги добие сите четири преостанати натпревари за да обезбеди место на завршниот турнир. Србија, пак, со одличната позиција во групата има многу поголем простор за грешка, но гостувањето во Клаипеда сигурно нема да биде лесна задача за избраниците на Душан Алимпијевиќ.
Сепак, одлуката Литванците да играат во Клаипеда воопшто не е изненадување бидејќи последните три години репрезентацијата на оваа земја најчесто своите ривали ги пречекува таму. Исклучок беше претходниот дуел, против БиХ кој се играше во Вилнус, а и Македонија пред две години гостуваше во Клаипеда каде Литванците имаат модерен кошаркарски комплекс со најдобри услови за своите кошаркари.


