Историската врска меѓу Партизан и шпанската Фуенлабрада доби нова, досега невидена димензија. Шпанскиот клуб од денес официјално го носи името Партизан од Фуенлабрада, со што повеќедецениското пријателство меѓу двата клуба прерасна во заеднички проект.
Приказната започна во сезоната 1991/92, во период исполнет со тешки околности за Партизан. Поради воените случувања, белградскиот клуб своите натпревари како домаќин во Купот на европските шампиони мораше да ги игра надвор од Белград, а изборот падна токму на Фуенлабрада.
Шпанскиот град тогаш стана втор дом за црно-белите. Партизан во Фуенлабрада ја одигра својата европска сезона, која на крајот заврши со историско освојување на титулата европски шампион во 1992 година.
Од тој момент се создаде посебна врска меѓу Партизан и Фуенлабрада, која опстана повеќе од три децении. Со текот на годините, спортското пријателство прерасна во нешто многу поголемо, а денес доби и официјална потврда.
Проектот „Партизан од Фуенлабрада“ ќе опфаќа институционална, спортска и општествена соработка, како и активности поврзани со развојот на играчи, едукацијата, заеднички проекти и градењето на брендот. Така, промената на името не претставува само симболичен потег. Таа е продолжение на приказната која започна во еден од најтешките периоди во историјата на Партизан, кога Фуенлабрада ги отвори вратите за белградскиот клуб и го прифати како свој.
Посебна симболика ќе има и првиот натпревар под новото име. Партизан од Фуенлабрада ќе се соочи со Партизан од Белград, во рамките на Open Air турнирот во Белград. Така, приказната која започна во Фуенлабрада во 1991 година, повеќе од три децении подоцна продолжува – со исто име, исти бои и врска која очигледно ги надмина границите на спортот.


