Општина Куманово и Кошаркарската федерација на Македонија денеска потпишаа меморандум со кој, како што објавија, се потврдува заедничката определба за развој на спортските вредности и афирмација на Куманово како град со богата спортска традиција и потенцијал за организација на големи спортски настани.
Како дел од договорената соработка, Суперкупот на Македонија во машка и женска сениорска конкуренција ќе се одржи во Куманово на 26 или 27 септември 2026 година. Овој град дополнително ќе биде домаќин и на завршните натпревари од Купот на Македонија во 2027 и 2028 година, во машка и женска сениорска конкуренција. Тоа е и продолжение на она што се случуваше последната година во Куманово каде лани настапи репрезентација против Романија, а потоа и се одржа завршниот турнир од Купот во машка конкуренција.
„Ова е уште една потврда дека Куманово има капацитет, инфраструктура и потенцијал да биде домаќин на натпревари и спортски манифестации од највисок ранг“, беше истакнато по потпишувањето на Меморандумот.
Со организацијата на Суперкупот и завршниците на Купот на Македонија, Куманово ќе добие можност дополнително да се позиционира како значаен спортски центар и домаќин на најдобрите македонски кошаркарски екипи.


