Српските клубови во иднина би можеле да бидат дел од ВТБ лигата, откако оваа можност отвори разговори меѓу Кошаркарскиот сојуз на Србија и раководството на натпреварувањето.
Потпретседателот на КСС, Филип Шунтурлиќ, откри дека се разговара со претседателот на ВТБ лигата, Сергеј Кушченко, за можноста српски екипи да бидат вклучени во ова натпреварување.
„За учеството на српските клубови во ВТБ-лигата разговараме со Сергеј Кушченко, претседателот на ВТБ-лигата. Ќе бараме можности нашите клубови да учествуваат на подготвителни турнири, вклучувајќи го и Суперкупот, а во иднина и во самата ВТБ-лига“, изјави Шунтурлиќ за „РИА Новости“.
Сепак, идејата не се очекува да биде реализирана веднаш. ВТБ лигата во сезоната 2026/27 ќе биде со 12 екипи, откако казахстанската Астана се врати во натпреварувањето, но тоа е далеку од квалитетот и квантитетот кој го имаше пред почетокот на агресијата врз Украина. Токму тоа ја отвори дискусијата за можноста бројот на учесници во иднина да биде дополнет со клубови од Србија.
Шунтурлиќ посочи дека КСС би сакал во ВТБ лигата да настапуваат најдобрите српски клубови, но во овој момент тоа е тешко изводливо поради густиот календар.
„Партизан и Црвена Звезда, на пример, одиграат околу 80 натпревари по сезона во сите натпреварувања. Поради тоа мислам дека нивното учество во овој момент е невозможно“, истакна Шунтурлиќ.
Според него, ситуацијата би можела да се промени кога европскиот клупски календар повторно ќе се растовари. Шунтурлиќ очекува ЦСКА и Зенит повторно да се вратат во Евролигата, додека УНИКС и Парма би можеле да се преселат во Еврокупот, што би создало поинакви услови за учество на српски екипи во ВТБ-лигата.
Во меѓувреме, на Суперкупот на ВТБ-лигата, кој од 17 до 20 септември ќе се одржи во Москва, ќе настапат и Анадолу Ефес и Игокеа. Минатото издание на турнирот се одржа во Белград.


