Членот на златната генерација на македонската репрезентација Дарко Соколов по едногодишна пауза се враќа на кошарката и претстојната сезона ќе го носи дресот на членот на втората дивизија Феникс.
Својот последен ангажман, искусниот бек го имаше во сезоната 24/25 кога играше за Гостивар по што доживеа тешка повреда, операција и мораше долго да паузира. Многумина мислеа дека тој со тоа ја завршува професионалната кариера, но Соколов одлучи да се врати на терените и ќе игра н 40-годишна возраст.
Феникс е еден од ретките македонски клубови каде тој не играл во текот на својата богата кариера бидејќи беше член на: Балкан Стил, Центар, Поло Трејд, Вардар, Амак СП, Струмица, Фени Индустри, МЗТ Скопје, Работнички, Карпош Соколи и спомнатиот Гостивар. Во меѓувреме играше и за Босна и украинскиот Химик, освои две титули во домашното првенство, четири во Купот на Македонија и една во БИБЛ лигата. Најголемиот успех, сепак, му е четвртото место на Европското првенство во Литванија пред 15 години, со македонската репрезентација.
Феникс минатата сезона го загуби суперлигашкиот статус и во новата сезона ќе игра во Првата лига. Покрај Соколов, во најава се уште неколку ведети на македонската кошарка, но за нив клубот дополнително ќе информира.


