Нема мир за Влатко Чанчар. Словенечкиот кошаркар доживеа нова сериозна повреда, која ќе го оддалечи од терените на подолг период и му го наруши стартот на новата сезона.
Чанчар, кој летово потпиша за Сан Пабло Бургос, заработил пукнатина на внатрешниот менискус на левото колено за време на тренинг. Повредата бара оперативен зафат, па тој сигурно нема да ја започне сезоната со шпанскиот тим.
За 29-годишниот кошаркар ова е уште еден тежок удар во кариерата исполнета со проблеми со повреди. Минатата сезона Чанчар се врати во Европа и потпиша за Олимпија Милано, но одигра само два натпревари во Евролигата пред повторно да има проблем со коленото, поради кој ја пропушти речиси целата сезона.
Намерата на Чанчар беше преселбата во Бургос да означи нов почеток и враќање во ритам. Наместо тоа, уште пред почетокот на сезоната следуваше нова операција и неизвесност околу неговото враќање на паркетот.
Словенецот претходно мина шест сезони во НБА како член на Денвер Нагетс, со кои во 2023 година ја освои шампионската титула. Сепак, серијата повреди во изминатите години сериозно влијаеше врз неговата континуираност и бројот на настапи. Од Бургос засега не дадоа прецизен рок за враќање, но јасно е дека Чанчар ќе мора да помине низ нов период на рехабилитација пред повторно да се врати на терените.


