Кошаркарскиот клуб Работнички од Скопје го одложи планираното одбележување на големиот јубилеј – 80 години од основањето на клубот.
Од клубот информираат дека одлуката е донесена со цел прославата да биде организирана на посоодветен и поспецијален начин, како и да има доволно време за подготовка на настанот. Првичниот план беше јубилејот да биде одбележан за време на контролниот натпревар против Војводина од Нови Сад, кој ќе се одигра во спортската сала „Лазар Лечиќ“ во Градскиот парк во Скопје.
Сепак, прославата е презакажана за дополнителен термин. Од Работнички најавуваат дека најверојатно ќе се одржи на еден од првите првенствени натпревари на домашен терен во новата сезона, во есента 2026 година. Клубот најавува дека прославата треба да прерасне во голем спортски настан и вистински хепенинг за навивачите и симпатизерите на Работнички, но и за сите љубители на кошарката и спортот во Македонија.
Планираните натпревари против Војводина претстојниот викенд секако ќе се одржат и се очекува да предизвикаат голем интерес кај навивачите на Работнички кои ќе имаат можност на дело да го видат тимот што ќе се обиде да ја освои првата шампионска титула по 2018 година.


