Шампионот на Македонија, МЗТ Скопје продолжува да го комплетира ростерот за новата сезона, а најново засилување во тимот е српскиот плејмејкер Тадија Тадиќ.
Искусниот кошаркар, висок 194 сантиметри, пристигнува во Скопје со богато регионално и меѓународно искуство и треба да донесе дополнителна сигурност и креативност на бековската позиција. Тадиќ својата кариера ја започна во белградски Партизан, со кој во 2018 година го освои Купот на Србија, а значаен успех во неговата кариера е и триумфот со Златибор во АБА2-лигата во 2022 година, токму во „Јане Сандански“, против МЗТ Скопје во финалето..
Новиот кошаркар на МЗТ има и репрезентативно искуство. Со јуниорската репрезентација на Србија во 2017 година го освои златниот медал на Европското првенство, а претходно настапуваше и за кадетската селекција до 16 години и младинската репрезентација до 20 години.
Покрај Партизан и Златибор, Тадиќ во досегашната кариера беше член и на Младост Земун, Слобода Ужице и унгарскиот ДЕАЦ. Добро го познава и македонскиот шампионат и регионалната кошарка, со оглед на тоа што една сезона настапуваше за Куманово.
Тадиќ во МЗТ Скопје доаѓа со задача да ја засили организацијата на играта и да биде важна опција во надворешната линија на тимот, кој во новата сезона го очекуваат настапи во домашните натпреварувања, АБА2 лигата и ФИБА Европа. Тој е петто странско засилување за шампионот, по Фарахан, Ворнер, Николиќ и Крајиниќ.


