Новата сезона во Евролигата ќе донесе рекорден број кошаркари со претходно НБА искуство. Дури 133 играчи кои имаат настап во најсилната кошаркарска лига во светот ќе бидат дел од евролигашката сезона 2026/27.
Бројката е за 11 играчи поголема во споредба со минатата сезона, а во статистиката се сметаат кошаркари кои имаат одиграно најмалку еден натпревар во регуларниот дел или плејофот на НБА.
Најмногу поранешни НБА играчи имаат Реал Мадрид и Дубаи, по 11. Интересно е што минатата сезона на врвот беа Олимпијакос, Реал Мадрид и Партизан, со по девет играчи со НБА искуство.
Најзвучното име меѓу новите евролигаши е Јонас Валанчиунас, кој по повеќе од една деценија во НБА се врати во Европа и потпиша за Жалгирис. Литванскиот центар има неверојатни 1.002 натпревари во НБА, што го прави играч со најмногу настапи во најсилната лига меѓу сите кошаркари кои ќе играат во Евролигата. Зад него е австралискиот ветеран Пети Милс, нов играч на Асвел, со 921 НБА настап во текот на 16 сезони. Трет е Кори Џозеф од Олимпијакос со 866 натпревари.
Меѓу кошаркарите со големо НБА искуство се и Џеј Краудер со 812 настапи, Еван Фурние со 704 и Алекс Лен со 690. Над границата од 400 НБА натпревари се и Дарио Шариќ со 498, Кенет Фарид со 478, Давис Бертанс со 475 и Даниел Тајс со 411 настапи.
Новата сезона во Евролигата започнува на 24 септември, а рекордниот број поранешни НБА играчи дополнително ја зголемува атрактивноста на натпреварувањето.


