Арис претрпе пораз од Бахчешехир со 84-88 во последниот подготвителен натпревар пред стартот на новата сезона, а македонскиот репрезентативец Ненад Димитријевиќ повторно беше меѓу позначајните играчи на солунскиот тим.
Димитријевиќ го заврши натпреварот со 13 поени, реализирајќи 2/4 за два и 3/7 за три поени. Македонскиот плејмејкер беше еден од играчите преку кои Арис се обидуваше да го контролира нападот во текот на средбата.
Арис одлично го започна мечот и поведе со 17-8, но Бахчешехир постепено ја презеде контролата. Турскиот тим на полувреме имаше предност од 43-39, а по третата четвртина водеше со 70-60. Во последниот период Арис успеа да се врати во игра и во 39. минута намали на само четири поени (81-85), но немаше сили за целосен пресврт. Бахчешехир го задржа водството и славеше со 88-84.
Најефикасен кај Арис беше Џеремаја Робинсон-Ерл со 22 поени и седум скока, додека Бахчешехир го предводеше Малакај Флин со 25 поени.
За Димитријевиќ ова беше уште еден настап во кој покажа дека ќе има важна улога во составот на Василис Спанулис. Македонецот претходно беше најдобар стрелец на Арис во поразот од Црвена Звезда во Белград, со 16 поени.
Арис сега го очекува стартот на официјалните натпревари, а првиот меч во Еврокупот ќе го одигра на 29 септември против Ле Ман во Франција.


