Фенербахче го освои Суперкупот на Турција откако во големото дерби го совлада Бешикташ со 72-59 и на најдобар можен начин ја започна новата сезона.
Тимот предводен од Шарунас Јасикевичиус уште од самиот почеток ја презеде контролата врз натпреварот. Ја доби првата четвртина со 21-10, а до полувремето предноста дополнително порасна на 19 поени – 46-27.
Бешикташ, кој од клупата го предводи Душан Алимпијевиќ, успеа да одговори во третата четвртина и ја намали разликата. Новиот евролигаш го доби овој период со 19-12, но Фенербахче влезе во последните десет минути со сигурна предност од 58-46. Во последната четвртина фаворитот не дозволи пресврт и рутински ја задржа контролата до конечните 72-59.
Со триумфот, Фенербахче го одбрани трофејот освоен минатата сезона и стигна до својата деветта титула во турскиот Суперкуп, односно Купот на претседателот. Ова беше повторно соочување на двата тима кои минатата сезона играа финалиња во турското првенство и Купот на Турција. И во двата случаи Фенербахче излезе како победник, а сега ја продолжи доминацијата и со нов трофеј на стартот на новата сезона.
За Јасикевичиус ова е уште еден трофеј во периодот на неговото раководење со Фенербахче, откако клубот под негово водство ја освои и Евролигата.


