Поранешниот прв пик на НБА-драфтот, Кваме Браун, упати жестоки критики кон Леброн Џејмс и го обвини дека неговото влијание во лигата имало негативно влијание врз кариерите на други кошаркари.
Браун, кој во 2001 година беше избран како прв пик од Вашингтон Визардс, денес е познат и по острите коментари за актуелните случувања во НБА.
„Мислев дека Леброн е само обичен човек, но потоа сфатив дека е маркетинг машина. Кога ќе ѝ се спротивставиш на таа машина, таа исфрла токсичен отпад. Иако однадвор изгледа добро, уништува сè околу себе“, изјави Браун.
Поранешниот кошаркар потоа посочи неколку имиња за кои смета дека биле погодени од влијанието на Џејмс.
„Погледнете само колку кариери уништил – Расел Вестбрук, а не му дозволи ниту на Далтон Кнехт да напредува поради неговиот син. Секогаш кога ќе видам дека го сменил тимот, се прашувам кој играч сега ќе мора да си замине за машината да продолжи да изгледа добро“, додаде Браун.
Тој пристигна во НБА со огромни очекувања. Вашингтон го избра како прв пик на драфтот во 2001 година, директно од средно училиште. Во најсилната кошаркарска лига во светот помина 12 сезони и настапуваше за повеќе клубови.
Во кариерата просечно постигнуваше 6,6 поени и 5,5 скока по натпревар, а последниот НБА натпревар го одигра во 2013 година.
Неговите коментари за Леброн доаѓаат во период кога Џејмс и понатаму е една од најголемите ѕвезди во НБА, со четири шампионски титули и четири МВП признанија.


